КИНО МАНАКИ

Се вели дека иднината им припаѓа на визионерите. Немирниот дух на браќата Милтон и Јанаки Манаки, е она што денеска модерно го нарекуваме претприемништво, само што во нивната иницијативност немала само бизнис дух, но со себе го носела духот на новото време, она на целуидната трака, подоцна позната како филмска лента. Имено, по првата кино проекција на Браќата Огист и Луј Лумиер на 28 декември 1895 година во Париз го претставуваат нивниот изум – кинематографот, тоа означува почеток на нова уметничка форма – филмот.

Браќата Манаки, ја препознаа оваа новина како алатка за забава и културна разонода, секако и егзистенција. Во 1921 година купуваат дворно место на Широк сокак со намера да изградат киносала и го основаат киното „Манаки“, каде што во месец август е прикажана првата кинопроекција, за подоцна во пролетта 1922 година започнала и изградбата на кино објектот. Проектот за новата кинозграда бил едноставен, но уште при самата градба се случила несреќа, веројатно како последица на грешка при градењето и се срушиле два ѕида. Тоа предизвикало дополнителни финансиски тешкотии за Браќата Манаки кои веќе ги имале потрошено сите свои и семејни пари. Тоа било и причина да се задолжат со кредит од Хипотекарната банка и дополнително да примат влог од новите партнери Коста Чому и Димитрие Георгиевски со што во целост е завршена градбата и опремувањето на киното.

Во време на војни и немаштија, било тешко да се привлече публика и неопходни биле посебни напори и иновативност за нејзино анимирање. Биле печатени специјални постери, кинопроекциите биле рекламирани на иновативен начин, а и самите проекции биле збогатувани со дополнителни содржини. Проекциите на неми филмови често биле придружувани од музички оркестри, што ги прикажува браќата Манаки како  личности со прониклив карактер. Но, економската криза, немирните времиња, не ги дават очекуваните приходи од киното, а долговите и притисокот од банката се повеќе се зголемува. Тоа било и една од главните причини да го изнајмат бизнисот со кино прикажување, (1928 – 1930) на прилепчанецот Ристо Зерде, филмски артист по професија, кој внел одредени новитети и за краток период ја подобрил ситуацијата. Поради нередовното исплатување на ануитетите кон Хипотекарната банка, финансиските проблеми на Браќата Манаки станувале сѐ поголеми и во 1933 година бил објавен стечај на киното со што банката го добила правото да располага со него. Повторен обид на Зерде има во 1937 г. кога со Хипотакарната банка склучил договор на 10 години со обврска да ја реновира зградата и да ја модернизира опремата. На почетокот работите полека се подобрувале, но во 1939 објектот бил зафатен од пожар при што изгорел до темел.

Со Коста Чому веќе имале добра соработка, особено во периодот од 1921 до 1922 година кога организирале многубројни кинопретстави на три места во градот: во салите на хотелите „Босна“ и „Америка“ и во кинобавчата „Манаки“. Објектот на киното „Манаки“ ги овозможувал сите услови за непречена работа. Бил добро опремен со неопходниот инвентар и во киносалата имало вкупно 373 седишта. На почетокот работата се одвивала нормално и биле правени иновативни напори за привлекување на публиката, но со текот на времето бројот на посетители на кинопроекциите почнал да се намалува што во 1925 година го довело во прашање рентабилното работење. Набргу се повлекле и партнерските сопственици и во 1927 година киното останало во целосна сопственост на Браќата Манаки кои веќе биле финансиски истрошени и со големи долгови. Во тој период, како во светот, така и во Битола,  сѐ повеќе се чувствувала економската криза, а и притисокот на конкуренцијата, поради што полека се намалувала работата и во фотографското ателје.

Долговите на сите доверители биле покриени од добиеното осигурување, но најголеми губитници биле браќа Манаки кои претходно имале продадено добар дел од својот наследен имот за да го изградат киното. Денеска на речиси истото место, со поддршка на ЕУ Фондовите и средства од Министерството за култура и Општина Битола, изграден е современ кино објект, кој само во делот на предната фасадата наликува на некогашното кино на браќата Манаки, но го зголемува капацитетот на Општина Битола за развој на кино културата и испраќа силна порака кон битолчани и светот, дека традицијата и живото културно наследство се дел од локалните културни политики и идентитет.

Scroll to Top