„Проникнување“ следи од „Интимност“. Од мојата лична состојба на интимност, од допирот до нешто, во еден миг тоа нешто почна да расте, да се отвора, да проникнува, да добива динамика и да се поврзува.
Проникнување на самиот живот и моето внимание кон она што во мене проникнува.
Одовде понатаму се обликува делото што сега го гледаме пред нас.
Отворањето на изложбата е на 17 септември во 20 часот, од 20:30 часот водам внатрешно поврзување – за да можеме делото да го видиме и разбереме одвнатре, надвор од концептите и шемите на умот, и да си дозволиме да го доживееме.
За мене е важно: кој гледа, кој чувствува и кој слуша.
Се гледаме во Културно-информативниот центар – Битола, на 17 септември.
Ве очекуваме.
Изложбата е финансирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Битола и Културно-информативниот центар – Битола.
За авторот – Кристина Хаџиева
Кристина Хаџиева (1982, Скопје) е визуелна уметница која работи во областа на цртежот, сликарството, инсталацијата и интердисциплинарното истражување. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година.
Во својата уметничка работа истражува теми поврзани со интимноста, идентитетот, телото, природата и единството меѓу видливото и невидливото, со особен интерес за внатрешното искуство, присутноста и начинот на кој гледаме и препознаваме.
Автор е на повеќе самостојни изложби во Северна Македонија и Германија. Во 2026 година ги реализира самостојните изложби „Поврзување“ во Музеј-галерија Кавадарци и „Поблиску од здивот“ во Културно-информативниот центар – Скопје, како и изложбата „Проникнување“ во Културно-информативниот центар – Битола.
Член е на ДЛУМ и ДЛУБ, активен член на уметничката група МОМИ, и еден од основачите на Култниот арт институт.
Во 2026 година учествува и на групната Годишна изложба на ДЛУБ, како и на изложбата „Цртеж – експериментален цртеж“ во организација на ДЛУМ.
Нејзиното уметничко творештво опфаќа цртеж, сликарство и интердисциплинарни истражувања, со континуирано присуство на македонската современа уметничка сцена.
