Јас сум Владимир Димовски, виолист а понекогаш и диригент, продуцент во организација на речиси сите концерти на Камерниот оркестар на Битола.
- „Благодарност за укажаната можност да украдам од твоето време веднаш после убавиот концерт оваа дождлива вечер во Свечената сала на Офицерскиот дом“.
Еве моментално се наоѓаме во преубавиот Офицерски дом, а сега би сакал на кратко да ја раскажам мојата историја поврзана со него. Пред многу време, се сеќавам баш беше крајот на моето нижо музичко училиште и почетокот на средното музичко училиште, каде што се школував. Бев на концерт на „Интерфест“ каде што свиреше во оваа сала некој камерен оркестар, не се сеќавам баш кој… Тоа беше првото воодушевување баш во оваа сала, за што сонував еден ден да направиме оркестар во кој ќе има музичари со кои редовно ќе даваме концерти. За среќа и фала му на Бога, сето тоа се случи.
- „Како се роди идејата да оформите еден оркестар“?
Првата љубов кон камерниот оркестар и музицирањето во камерен оркестар потекнува од оркестарот на Зоран Маневски, во тогашно време Битолскиот камерен оркестар пред некои дваесеттина години кога тој го раководеше. Тогаш почна мојата прва љубов и од тогаш не застанав да свирам скоро во сите камерни оркестри во Македонија, на Опера како и со разни балкански камерни оркестри.
- „Како настана твојот избор да бидеш виолист? Нешто повеќе за вашето школување?“
Во нижото музичко училиште учев виолина, меѓутоа потоа во средно на некој начин сфатив дека виолата е подобар инструмент и одбрав тој инструмент да ме води во животот. Завршив факултет на музичка уметност во Скопје, оддел виола.
- „Битолскиот камерен оркестар го реобновивте заедно со Никола Трајановски. Какви се вашите искуства во текот на изминатите неколку години?
Реобновувањето на Битолскиот камерен оркестар заедно со Никола Трајановски беше голем предизвик, но и огромна чест. Во изминатите неколку години организиравме над 200 концерти – дел со популарна музика, но сржта на нашата работа отсекогаш била класичната музика. И покрај тоа што имаме проекти со популарна музика, од самиот почеток ние сме цврсто определени да ја негуваме класичната музика, да и дадеме достоинствено место во културниот живот и да ја направиме подостапна за публиката, без разлика дали концертот се одржува во Битола, Скопје или во некој друг град. Веруваме дека класичната музика не само што ја одразува уметничката зрелост на еден оркестар, туку и носи длабока емоционална и духовна вредност која треба да се зачува и пренесе.
- „Како настана идејата за концерти со хитовите на „MTV“ од осумдесеттите години?
Таа идеја произлезе од желбата да се потсетиме на златната доба. Впрочем и овој концепт не е нов, светските оркестри, покрај своите стандардни класични програми, често пати реализираат проекти во кои ја спојуваат класичната изведба со популарна музика: филмска музика, поп, рок. Пример за тоа е светски познатиот проект „Rock Symphony“ на Лондонската филхармонија, или настапите на групата „Scorpions“ заедно со Берлинската филхармонија. Ние не измисливме ништо ново. Само го следиме современиот тек и го адаптираме кон нашата публика со културен контекст. Со овие концерти не само што го прошируваме репертоарот, туку и ја отвораме вратата за нова публика која преку популарната музика може да ја открие убавината и моќта на класичниот звук. Нашата мисија останува јасна, да ја негуваме класиката, но и да градиме мостови кон нови генерации слушатели.
- „Како настанува изборот на мелодии, дали се тоа по твоја желба или првенствено гледаш дали таа мелодија може оркестарот да ја следи или ги избираш според она што во Македонија ти останува на располагање како вокал? Верувам дека имаш повеќе песни по твоја желба но се соочуваш со проблемот дека нема кој да ја исполни. Машки вокали има помалку па гледаме дека повеќето од тие песни се исполнувани со женски вокали. Како настанува твојот избор на тие хитови од „MTV“?
Изборот на песни за ваков тип концерти е резултат на внимателна проценка. Секако, постојат лични желби и инспирации, но пред сè се водиме според неколку критериуми: дали песната има потенцијал за оркестарска обработка, дали нуди музичка длабочина што може да биде интересно пренесена преку оркестарски звук, и секако, дали имаме соодветен вокал кој може автентично да ја изведе. Низ годините изградивме одлична соработка со врвни машки и женски вокали од Македонија и често пати сме изненадени од нивната флексибилност и способност да донесат нешто ново и уникатно во песните. Така изборот е секогаш балансиран помеѓу уметничката визија, техничките можности на оркестарот и вокалниот капацитет што ни стои на располагање. На крајот на денот, нашата цел е да создадеме звучна слика која ќе ја допре публиката, без разлика на оригиналниот изведувач или жанр.
- „Дали правиш некаква аудиција, ги познаваш…?“
Не организирам формални аудиции. Повеќето соработки настануваат природно, од претходни настапи, препораки или директен контакт. Дел од изведувачите сами се обраќаат со интерес за соработка, а понекогаш јас иницирам контакт откако ќе ги чујам или ќе ги следам на некој настан. Секогаш се водам според впечатокот што го оставаат, не само вокално, туку и по сценска присутност и однос кон музиката. Програмите ги подготвувам лично, секогаш со внимание на тоа како публиката ќе ги доживее. Се обидувам да најдам рамнотежа помеѓу уметничкиот квалитет и она што публиката го очекува и сака. Целта е секој концерт да биде целосно доживување, и за публиката и за изведувачите.
- „Колку време тебе лично ти одзема подготовката на еден таков концерт, со некои 12 до 18 мелодии за кои треба да составиш ноти. Како го правиш сето тоа? Од каде ги добиваш? Како ги добиваат виолинистите, виолончелистите, останати…?“
Доколку зборуваме за концерт на популарна музика, подготовката знае да биде навистина голема. За секој концерт од 12 до 18 песни, најголемиот дел од времето ми оди токму на подготовка на аранжманите. За разлика од класичната музика, каде што нотниот материјал најчесто е достапен, за популарните песни ретко кога постои оркестарска партитура. Тоа значи дека треба да се изработи секој дел посебно, за виолини, виоли, виолончела, дувачки инструменти и сите останати инструменти. Околу 98% од аранжманите ги изработувам сам, но кога времето е кратко и имам потреба од поддршка, имам колеги кои ми помагаат во изработката на аранжманите. Штом се подготви целосниот аранжман, нотите се печатат и секој музичар ги добива во зависност од потребите на пробите и самата изведба. Тоа е процес кој бара и време и посветеност, но токму тој креативен дел, трансформацијата на една песна во оркестарска форма е нешто што особено ме инспирира.
- „Дали имаш некоја идеја нешто да претвориш од класичната музика на македонските класици?“
Постојано размислуваме како делата на македонските класици да ги доближиме до публиката. Од самиот почеток се трудиме во нашиот репертоар да бидат застапени и дела од македонски композитори, како изворна, така и класична и забавна музика. Минатата година, на пример, реализиравме цел концерт посветен исклучиво на македонски автори, под диригентска палка на маестро Борјан Цанев. Веруваме дека негувањето на македонското музичко наследство е особено важно, не само како дел од нашата културна мисија, туку и како начин да се создаде мост меѓу традицијата и современиот израз.
- „Знам дека ти е ќеф покрај класичната работа, тоа што ти е професија, сакаш малку да скршнеш, да избегаш… Често си настапувал доколку ти се даде можност, еве и на „Белата ноќ“ како DJ. Кој е твојот жанровски вкус во музика?
Ја сакам секоја музика, освен турбо фолк! Сакам и народна и староградска музика, кога ќе седнам во кафана. Сакам кога одам на некоја журка техно музика исто и сакам да пуштам техно музика, тоа ми е хоби уште кога бев можеби средно или крајот на осмо, не се сеќавам точно. Слушнав од негде „Drum and Bass“ и почнав да копам, да барам. Тогаш беше многу тешко да најдиш музика, затоа што немаше интернет, тука имаше се сеќавам во близина на Офицерски една продавница, не се сеќавам како се викаше сопственикот, продаваа цедеа. Па слушав ЦД, имаше таму слушалки и можеше да слушниш кое ЦД да го купиш. Првата журка која никогаш нема да ја заборавам беше со диџејот „Daerit May“, мислам дека беше во Градиште, на втората плажа. Тоа беше моментот кога за првпат почувствував вистинска поврзаност со хаус и техно музиката. Подоцна почнав и јас да пуштам музика по кафичи, чисто од љубов, од задоволство.
- „Сум другарувал со музичари кои свиреле гитара, хармоника, клавир меѓутоа никогаш со некој кој е диригент на класична музика. Некако е чудно, интересно. Како се однесуваат општо луѓето кон тебе? Дали те чувствуваат некако возвишено, некако со резерва… Јас имам голема почит кон твојот труд, кон твоето дело, кон твојата работа. Сега си многу актуелен. Често пати нашите средби завршуваат со убави зборови кои јас ти ги искажувам тебе, благодарност пред се. Настојувам секогаш да искажам благодарност колку одична работа правиш, дека на народот му си потребен и колку сите ние сакаме се почесто да има концерти на Камерниот оркестар. Како се однесуваат луѓето кога ќе слушнат дека ти еве свириш виола или дека си диригент. Дали има некоја разлика?
Честопати сум повеќе во улога на диригент отколку виолист, иако виолата ми е прва љубов. Диригирањето не ми го полни егото, напротив, тоа е одговорност и уметност. Да застанеш пред 20 или 30 музичари и да ги водиш кон заеднички музички израз е посебно доживување. Имам диригирано со Македонската филхармонија, како и со оркестарот на Македонската опера и балет, и секоја таква можност е чест и инспирација. Кога луѓето пристапуваат по концертите до сите музичари, не само до мене, со благодарност и топли зборови, тоа е најголемата награда за нас, тогаш занеме дека сме ја допреле публиката.
- „ Како се осеќаш кога ќе ги направиш сите композииции, сите ноти за сите учесници на оркестарот. Кога доаѓа твојата награда? Тогаш или пак откако ќе заврши концертот?“
Иако процесот на создавање, од првата нота до целосната партитура за секој инструмент е исполнет со труд, концентрација и љубов, вистинската награда не доаѓа во тие моменти. Таа доаѓа подоцна, кога ќе се изгаснат светлата, ќе заврши последниот тон и ќе се слушне аплаузот. Аплаузот е најискрената и највредна потврда за секој уметник. Тој не може да се купи со пари, не може да се нарача, едноставно се заслужува. Во тие неколку секунди, сè што сме создале, сите обиди, сомнежи, напори и љубовта кон музиката добиваат смисол. Тоа е моментот кога знаеш дека си допрел некого. И токму затоа, секогаш вреди.
- „Какво е чувството дека со грбот му си завртен на публиката а пред вас е целиот оркестар?“
Понекогаш навистина посакувам да можам да се свртам и да ја видам атмосферата во публиката, да го почувствувам тој директен момент. Но, моето место е пред оркестарот.
- „Кажи ми нешто што не знаеме за тебе. Како го поминуваш слободното време?“
Најмногу уживам во времето поминато со ќерка ми – таа сега завршува второ одделение и ќе тргне во трето. Прошетките со неа ми се најдрагоцени. Освен тоа, понекогаш сакам да седнам во некое тивко кафанче, особено кога има порелаксирана атмосфера, да се исклучам од секојдневието и едноставно да уживам во моментот.
- „Колку често имаш можност да излезиш во природа? Да одиш на Пелистер, знаеме дека татко ти беше голем љубител и многу познат меѓу планинарите.“
Да, татко ми беше голем љубител на планината, знаеше по два до три пати неделно да оди на Пелистер, и уште како дете ме водеше со себе. Тие моменти ми се силно врежани во сеќавањето. За жал, последниве години ретко наоѓам време да излезам во природа, едноставно не можам да си дозволам. Но желбата останува. Оваа година, по цели десет години, конечно си реков: што сака нека биди, одам на скијање! И отидов. Понекогаш мораш да си ја вратиш таа лична радост.
- „Кои се вашите помагатели?“
Нашиот генералeн спонзор е „IW Connect“, и навистина сме благодарни што стојат зад нас веќе подолг период. Покрај нив други значајни поддржувачи се некои битолски компании, како „Синпекс“, „Хемометал“, „БВ Инженеринг“ и други. Без нивната поддршка изминативе години ќе беше невозможно да стигниме до ова ниво каде што сме сега. Организацијата на еден концерт подразбира многу аспекти, од сцена, светло, техничка поддршка, преку хонорари за музичарите. Сето тоа бара средства. Секако дека имаме поддршка од Општина Битола и од Министерството за култура, но и локалната заедница и нашите поддржувачи се тие што ни овозможуваат континуитет и развој последниве неколку години, нешто што на самиот почеток кога решивме да ја продолжиме мисијата на Зоран Маневски не постоеше. Па, можете да замислите колку беше тешко првите години од возобнувањето на оркестарот да се организираат концерти без финансиски средства. Благодарни сме им на сите што препознаваат вредност во тоа што го правиме.









