Во седумдесет годишното постоење на Културно Уметничкото Друштво „Илинден“ продефилираа голем број фолклористи и инструменталисти кои со своите настапи во земјата и странство оставија не само голем впечаток туку и ги афирмираа сите квалитети на македонскиот фолклор. Многу имиња низ генерациите фолклористи и изведувачи имаат заслуга за сите резултати што во овој период ги забележа ова битолско друштво. Една личност со својот инструмент-кларинет има голема заслуга затоа што фолклористите и свирачите се менуваа меѓутоа Славе Наумовски познат како Чапче (75 г.) од својата осум годишна возраст е неразделен со својот инструмент и речиси да е незаменлив во сите овие успеси за кои „Илинден“ има добиено бројни награди и признанија за своите настапи.
-„Илинден“ можам да кажам дека е мојот втор дом. Јас одсекогаш сум шеф на оркестарот и се гордеам со тоа. Јас сум последен од тие стари музичари, Боцкино, Цурико, Борче, Самедин, Слободан, ќе изоставам некој… Тоа ми е гордост што и ден денес одам во „Илинден“. (изјава)
Љубовта кон кларинетот му донесе не само популарност на Друштвото туку лично и на Чапче затоа што тој е еден од оние што со својот инструмент не можат да бидат заборавени. Покрај наградите што „Илинден“ ги добивал, Наумовски има добиено и поединечно свои награди а честитки од голем број познати личности. Низ неговите гостувања во Турција, Италија, Бугарија, Холандија, Франција, Кипар, Монако и каде уште не, цела Европа.-Сега бевме на Фолклоријада во Русија, каде што учествуваа фолклористи од 70 земји. Таму на отворањето ни се обрати претседателот Путин. Таму оставивме многу добар впечаток. Многу спомени и многу пехари, многу први места донесени од таму. Еве да речиме во Полска, каде бевме неколку пати и донесовме две „Сребрени Секири“, значи второ место, а јас велев ќе се вратиме по златната. (изјава)
На гостувањата во странските држави, Славе ја издвојува посебно средбата со некогашниот претседател (сега покоен) на Р. Франција, Жак Ширак.Беше дојден со неговата сопруга а ние бевме во топ форма, како и секогаш. Јас никогаш немам трема на нашите настапи но на децата им кажав да ме следат бидејќи сакав да отсвирам една „гајда“ но на кларинет! Со свирењето јас го расклопував кларинетот и на крајот свирев и без буренцето и само со „пифлата“. После настапот човекот посака и дојде со мене да се фотографира(изјава). Славе Наумовски има „изучено“ и голем број други музичари за што него кларинетот и музиката се неразделни од неговиот живот. Денес работи и го подучува неговиот ученик Давид од „Буковски ливади“, кому веќе сега му завидуваат како „дува“ и веќе го викаат „Чапче 2“.
На нашето прашање дали е време Чапче да се повлечи и „кларинетот“ им го остави на дел од неговите ученици, тој ни рече дека сеуште е рано да размислува за тоа за што деновите, настапите, гостувањата а најмногу аплаузите што ги добивал како член на „Илинден“ му даваат поттик и елан и натаму да биде дел од овој колектив кој во досегашното свое постоење има голема заслуга за севкупната досегашна афирмација.
Кога ги истакнуваме настапите на ансамблот „Илинден“ би ни било тешко да ги наброиме сите градови и држави каде што тој настапувал, меѓутоа Чапче со посебен пиетет го издвојува својот настап во КИЦ-Офицерски дом.
- Морам да кажам за овој Дом, на кој многу градови од Македонија му завидуваат. Ова е дом на уметноста, овде се случувале многу прекрасни настани, концерти, камерна музика, хорови. Секогаш во Офицерскиот дом доаѓам со задоволство и со задоволство настапувам, овде има невероватна акустика и затоа можи да се мери со многу други сали и домови низ цела Европа. Овде сум настапувал со „Илинден“ но и со мојот оркестар „Бабам Битола“. Тие години не можам да ги заборавам. Претежно свиревме за Нова Година и секогаш имаше еминентни личности и лица со високи чинови од ЈНА. Секогаш ми е многу мило кога ќе ме повикаат овде да настапам, и доаѓам секогаш со големо задоволство. Овде за мене нема потреба од микрофон, ниту за оркестарот. (изјава)
Ете затоа многумина што ги имаат почувствувано квалитетите на овој кларинетист и успесите на КУД „Илинден“ не сакаат да заврши неговата кариера, напротив и него и на целокупното друштво му посакуваат натамошни успеси за што со право се сметаат за големи афирматори на богатото фолклорно творештво на нашата земја. И за крај, но не и последно Чапче сеуште раскажува како поранешниот претседател на Франција му понудил да го остави својот стар и „излижан“ кларинет, за да му дадат за возврат еден нов, на што Чапче им вратил: „И два да ми дадат нови, јас овој кларинет не го давам“! Зачуден го прашал зошто? – „Јас со овој кларинет ги школував моите две деца, Никола (кој е исто така музичар, рапер) и Јасмина (дипломиран психолог), како и домот во кој денес живеам со мојата сопруга“.











