По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, и 10 Јуни, Светскиот ден на хералдиката, Македонското грбословно друштво и Културниот и информативен центар – Битола на 13.09.2024 Петок ја отворија изложбата со наслов „Македонија во светот на хералдиката“. На изложбата ќе бидат претставени над 70 грба поврзани со Македонија почнувајќи од 14 до 21 век. Изложбата на 35 панели се состои од два дела. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија.
Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
Автори на изложбата се потпретседателот Иван Нацевски и претседателот на Македонското грбословно друштво д-р Јован Јоновски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија.