Најтешко е кога човек треба да зборува за себе, во прво лице еднина. Мене ми е најтешко кога треба да зборувам за мене. Меѓутоа оваа прилика е таква, јас сум Валентин Соклевски, јенимаалец од Битола. Роден сум во Битола, мојата фамилија живее овде веќе 120 години, односно живееме на истиот простор, во истата куќа, во населбата Јени маале во Битола. Основно образование завршив во јенимаалското училиште „Даме Груев“, а средно во „Горната“ гимназија, дипломирав на етнолошки факултет, магистрирав на катедрата за етнокореологија во Штип. Меѓутоа секогаш за себе сакам да си кажам дека сум играорец и пишувач на текстови. Можеби јас така се перцепирам, а и другите така ме перцепираат, меѓутоа најважно е што ќе остане зад секој човек. Целиот живот настојувам да пишувам, да изучувам, да едуцирам луѓе во областа на народната култура и фолклор. Мојот работен век најповеќе го поминав во Културно уметничкото друштво „Илинден“ исто како и во установата за народна култура „Илинденски денови“ , во Фестивалот „Илинденски денови“ и последниве години во Центарот за култура Битола, а еден период работев и во Завод и музеј во Битола.
- „Кои се вашите сеќавања во врска со „Офицерскиот дом“?
Моментално се наоѓаме во ова прекрасно здание, во Офицерскиот дом во Битола. Јас го паметам Офицерскиот дом од моите детски денови особено во мадешките денови кога овде доаѓавме на игранки, се сеќавам на терасата или на платото на „Офицерски“. Се сеќавам како не можевме да влезиме со фармерки, па за тука требаше да бидеме официјално облечени, потстрижани и дотерани. Исто така јас го бендисувам затоа што тоа така беа некои принципи кои ми одговараа. Јас и мојата девојка, односно сега моја сопруга Вера, со која редовно доаѓавме во летните вечери на терасата овде, каде заедно дали игравме оро, танго или валцер, а тоа ни претставуваше задоволство на кое се сеќаваме до ден денес.
Инаку, за Офицерскиот дом имам слушано многу приказни и еве ќе ви кажам една од Трајче Костовски, Бог да го прости, тој кажуваше, секоја вечер… ова било некаде во 50-те, во 60-те години кога секоја вечер се собирале пред Офицерски, тајфата свирачи и тајфата пејачи и оделе низ Битола навечер и цела ноќ пееле серенади. А кога ќе осамнел новиот ден, во „Интифа“ ќе се напиеле по една ракија со салатче, со гравче и ќе си заминеле дома за да се одморат за следната вечер, да пејат серенади.
- „Серенада на Широк сокак“?
Значи серенадата уште тогаш беше поврзана со Офицерскиот дом и еве последниве неколку години а и пред тоа, во друга организација, а сега во организација на Културниот и информативен центар Битола, се одржува Фестивалот „Ех таа серенада“. Јас како тексто-пишувач, кој што зад себе има одреден фонд на песни, не знам точно но околу 350 текстови ми се објавени на носач на звук. Секогаш се радувам кога треба да пишувам за серенадата. Последниве години а и години наназад соработуваме со мојот мил пријател Сефедин Бајрамов, и оваа година се надевам ќе успееме да оставиме впечаток кај публиката со најновата песна што заедно ја напишавме со Давор Неќак, специјално за него. Значи, јас се веселам на серенадата, се веселам на Офицерскиот дом, сакам да ја гледам архитектурата, често пати шетам околу Офицерскиот дома, ќе седнам на некоја од клупите, ќе го разгледувам и ми доаѓаат спомени. Мило ми е што се реновира и што стана жариште на културата во Битола.
- „Што најповеќе ве инспирира да пишувате текстови за песни“?
Битола ми е вечна инспирација, јас имам напишано многу текстови за песни за Битола, некаде околу педесеттина текстови за Битола. Сите ми се убави и со нив настојувам да го опишам животот во Битола, да опишам одредени луѓе, да опишам одредени состојби и одредено време. Секогаш велам дека песната е како птица. Ќе летне и потоа не знаеш во кое срце ќе направи гнездо. Така и со моите песни, ќе напишам една песна, ќе ја отпее некој, еве пример Сефедин Бајрамов како што ја отпеа песната „Душата ми е во Битола“ која е посветена на Ајри Демировски. Песната ќе одлета и се надевам публиката ќе ја засака, таа песна ќе стане дел од животот на човекот и ќе ја пренесува на идните генерации. Најповеќе пишувам народни песни и така се однесувам кон песните, односно учам од народниот творец, учам од голем број на автори кои што пишувале во тој стил, во тој контекст и се надевам дека и моите песни ќе послужат некој да научи нешто како за Битола така и за животот во Битола, за мене, за целиот свет би рекол.
-„Од кога потекнува љубовта кон народниот фолкор и танци?
Како играорец започнав да играм во 1972 година во училиштето „Даме Груев“ а потоа во 1976 година се зачленив во КУД „Илинден“ во Битола и од тогаш па до денес на некој начин соработувам со КУД „Илинден“ од Битола, си го рачунам како мое друштво каде и што играв до 1990 година, а потоа бев уметнички раководител седум години од кога имам поставено многу голем број на кореографии и сум едуцирал голем број на луѓе за што се надевам дека ќе се сеќаваат на мене кога ќе играат. Во „Илинден“ поминаа голем број, илијадници дечиња, многу генерации и секогаш настојувам во себе во своето срце да ја забележам народната култура, играта и песната и секој од нив да продолжат понатаму. Затоа што јас секогаш се залагам за „живот на фолклорот“ односно за „жива традиција“. Традицијата да не останува во музеите, туку луѓето да си ја носат во себе, поготово народната култура, народната традиција и обичаите. Да ги практикуваат обичаите и да си ги носат во себе, да ги пејат песните, да ги играат ората и да ги пренесуваат на идните генерации.
Релативно сум повозрасен, минатата година славев 60 години и задоволен сум од многу работи што сум ги направил во животот. Се надевам дека ќе направам уште многу работи. Се надевам дека песните што ги напишав ќе си најдат свое место во животот на луѓето. Се надевам дека помогнав овој град претежно со фестивалот „Илинденски денови“, со песните и со ората дека ќе чекори и понатаму во ист ритам, се надевам дека во тоа ќе бидам вклучен и јас. Секогаш за Битола велам дека е „музеј на отворено“ и заслужува повеќе и подобро. Заслужува и подобри од мене, заслужува подобри и од многу други, се надевам дека идните генерации тоа ќе бидат.
-„Илинденските денови се случувале овде на плато“!
Токму така. Офицерскиот дом ме поврзува со Фестивалот „Илинденски денови“, кој за прв пат се одржа овде, на платото кај Офицерскиот дом во 1971 година. Последниве три-четири години повторно „Илинденски денови“ се врати на ова место со нов концепт, со нови содржини и мислам дека токму ова место одговара на тој вид на народна култура, на игрите и на песните како од нашата земја Македонија така и од целиот свет. Ова го кажувам заради тоа што Фестивалот „Илинденски денови“ е единствен фестивал во Република Македонија кој што е член на светската организација на CIOFF (Интернационален совет на организација на фолклорни фестивали), односно има лиценца како Интернационален фолклорен фестивал. Секоја година овде на платото пред Офицерскиот дом, на „Широк сокак“, кај „саатот“, низ „старата чаршија“, низ „маалата во Битола“ дефилираат играорци, песнопојци и инструменталисти од целиот свет. Секоја година тие носат свои спомени одовде и секаде каде што се враќаат во своите домови кажуваат за Македонија, за Битола, за Офицерскиот дом, за „Илинденски денови“. Се надевам дека и идните генерации ќе продолжат да го развиваат фестивалот кој оваа година слави 55 години ќе доживее и повеќе од 100 изданија.
-„Нешто за крај“?
За крај би посакал колку што може повеќе заедно сите автори, композитори, песнопојци, интерпретатори, работници и граѓани на Битола, сите заедно да направиме нешто повеќе за овој град. Овој град го заслужува тоа.










