Разговор со Вевки Амедов

„Јас сум Вевки Амедов, од Битола. Свирам на кларинет, понекогаш и саксафон, дувачки инструменти, но кларинетот го свирам професионално од мали нозе.

Бог да го прости прадедо ми, кој ми купи едно кавалче, со кое што од деветтата или десеттата година од мојот живот, свирев на концерти на училиште и во фолкорните друштва кои што тогаш  беа организирани. За патроните празници и концерти за училиштето свирев на кавалче се до дванаесеттата година.

Кога наполнив дванаесет години, Бог да го прости татко ми, купи еден кларинет од „Кочо Рацин“ нов, чехословачки. Тој почна да свири на кларинетот, а во меѓувреме јас убаво свирев на кавалчето. Тој беше вработен во „Монополот“, работеше како мајстор со тутунот. Тој ќе одеше на работа и јас го земав кларинетот и свирев. Но тој кога ќе дојдеше од на работа, го познаваше дека е гибан, дека јас го земав, ќе ме истепаше убаво, и ќе ми речеше „Друг пат да не го земаш!“. Ама тоа јас си го правев секој ден. Ич не се секирав, беше меракот поголем од ќотекот. Еден ден тој прадедо ми рипна и му рече: „Зошто  го тепаш детето секој ден? – Ами ми го зема кларинетот! Свири, да не ми го расипи, да не ми го оштети, да не го скрши! Ај вели, да го слушнам дали знае да свири“. И јас земање, на прво! Почнав да свирам, а тој слуша и вели „Многу убаво. Ај сега ти да видиме како свириш!“ Зема тој да свири, ама не знае колку мене. И му рече: „Е вака сега, ти нема повеќе да му забрануваш да свири, туку ќе му го оставиш кларинетот, ти нема да свириш а тој од утре редовно ќе свири“. И така бидна, јас почнав да свирам, секаде и на училиште.“

  • Како започнавте да свирите за КУД „Илинден?“

„Во Јенимаале имаше помали фолклорни групи, прво таму започнав да свирам и видоа дека добро свирам.  Така, ме поканија во „Илинден“, да не речам дека дваесетина-триесеттина години одржувавме концерти, не знам каде не!

Концерти одржувавме низ цела Европа но најповеќе, ми остави силен впечаток кога бевме во Епинал во Франција. Потоа свиревме на концерт во Стразбург каде што имаше можеби сто кларинетисти. Сите тогаш ми велеа: „Овие ќе те победат“. “Не, јас овие сите ќе ги победам и прв ќе излезам“ И навистина така се случи. Кога заврши концертот дојде градоначалникот и ми соопшти дека од комисијата сум изгласан за победник. Градоначалничката на Епинал кога ми врачуваше награда, Ришард се викаше, уште ја паметам, беше една огромна жена, возеше „Порше“. Ме зеде во колата да ме вози и возеше многу брзо и мене ми беше многу страв, возеше како да вози „Формула 1“, јас викав од страв! Тогаш ме возеше да ме носи на вечера, за мојата победата на натпреварот на Фестивалот. После тоа, исто така голем спомен ми остави турнејата во Шведска, каде што заминавме преку Германија и траеше еден месец. Патувавме од Трелеборг па се до Стокхолм. Тоа траеше долго и се вративме преку Германија и Австрија. Тогаш одржавме многу концерти.“

  • „Како го стекнавте вашето школување за кларинетот?“

„Да се навратам наназад и да го споменам мојот учител, Бог да го прости, мајсторот мој, Ејуп Мефаилов. Тогаш тој свиреше во чалгиите во „Радио Битола“. Тој исто така со мене учеше музичко, на стари години, затоа што тогаш директорот барал сите да бидат образовани, да знаат да читаат ноти. Тогаш јас учев музичко, во зградата каде што беше „Радио Битола“ , тогаш таму училиште беше, бевме сите заедно, имаше некои кои беа една до две години постари, но бевме сите заедно, Славе Димитров, Кире Ангелевски, Кире Костов „Мажо“ што почина. Имаше еден Пеце што го викаа „Митрата“ кој бил на времето во Белград кај Саша Субота на времето во Југославија. Ние имавме направено еден оркестар со кој дававме концерти во домовите, како и во „Стевче Патакот“. Со нас заедно беа и Перо Калица, брат му Кочо…. Коста, бас свиреше… Ќефови беше бидејќи тогаш имавме многу публика, на времето, немаше каде да се оди и сите со душа чекаа ние да направиме некоја игранка, за да се дружат младите. Тогаш немаше каде да одиме. Потоа, кога мајсторот мој, така да речам, ме запиша да одам на музичко, ние заедно учевме, со Славе Наумовски – Чапче. Не само што заедно свиревме, ами и ние заедно учевме во музичкото училиште и заедно свиревме во „Илинден“, многу години, да не речам дваесет години. Како најталентирани и ден денес така да речам, поминавме многу години заедно во „Илинден“.

  • „Во кои земји патувавте? Каде сте се задржале најповеќе?“

„Потоа јас заминав на отслужување на воениот рок, 1968-ма – 1969-та година, а кога се вратив во 1970-та г. заминав во Германија. Таму престојував две години и се вратив. Потоа заминав во Грција кога мојата популарност беше многу голема. Во Грција оформив оркестар во којшто само јас бев од тука. Со нив поминав неколку години, но други, кои не беа со нас, други музичари кои ме пријавија: „Има еден од Србија, кој сите настапи ни ги зема, овде има оркестар и од него не можеме да просперираме“. Јас како доказ си чувам дома документи каде се сум настапувал со текот на годините, но мене ми ставија печат на пасошот за да не можам да влезам во Грција 5 години. Тоа беше мојата неизречена казна. Тогаш јас наместо да одам во Грција, каде што имам забрана за влез, во текот на 80-те години оформив нов оркестар „Јужни ѕвезди“. Имавме работа во сите ресторани низ цела Битола. Имавме многу работа, свадби, настапи, концерти низ цела Австрија, Германија, насекаде низ Франција. Во 1983 г. заминав во Австралија, сам, каде што останав седум години. Кога од таму се вратив, повторно заминав во Германија каде што останав до 1995 г. бидејќи имав документи за престој таму. Таму работев со едни „забавњаци“ кои свиреа на гитари, но не можам да се пожалам. Кога се вратив од таму, во 1996 г. заминав во Америка, каде што престојував две години. После тоа направив „Уште едно Ураа“, свадби, концерти, учества на фестивали. Сите ме познаваа, така и еврејката со битолско потекло, Сара Ароести со која учествував овде на „Локум Фест“, па на „Охридско лето“, па во театарот со Сашо Миленковски за кого спремав еден музички проект, спремавме една драма за на „Охридско лето“ со наслов „Бак Ки“. Тоа беше период во мојот живот со многу голема работа, но со големи успеси, за што сум и многу благодарен од мојот македонски народ за што сум посебно горд македонец. Признат на секаде во целиот свет и сеуште уживам голем респект од нашата Битола, да речам и народот воопшто. Но тоа не е само тоа, уживам и голем респект од моите колеги музичари.“

  • „Што се однесува до вашата музика, Вие сте успешен музичар. Но што станува со вашите наследници?“

„За ова мое време и сам не знам колку имам научено мои ученици. Ама би сакал само да споменам неколкумина од нив, кои се највредни од сите. Тоа е Северџан Клепачот, од Битола. Мојот син Бејкан Амедов би го издвоил, оти едниот свири на сајзер а другиот на кларинет и саксафон. Во Австралија имав многу кларинетисти, ама еден од најдобрите е Стивен Стојчевски, сега еден имам и во Германија, тој по потекло е од Кочани и живее во Аугзбург, така да речам од најдобрите!! Вредно е да го споменам и Тунар, кому презимето му го заборавив. Потоа следува Димитар Трајковски за кој можам да речам дека ќе биди вториот Вевки. Тој сега го заврши музичкиот факултет и магистрира, но мора да помини и кај мене за да го научи она што тој го бара и му треба. Инаку, јас сум презадоволен и се надевам дека навистина ќе ме замени со кларинетот.“

  • „Се наоѓаме во Офицерскиот дом, кој го доживува својот понов расцвет како културен храм. Дали и вие имате некакви сеќавања одовде?“

„Да, сега како што народски велиме, си го враќам филмот многу назад. Во времето кога јас бев млад. Овде имав многу колеги со кои заедно работев, а последно пред две години на „Локум Фест“ каде настапив со, Бог да го прости, Џингис Ибраим, канонистот од Скопје, сега покоен… Овде свиревме свадби, банкети, сите овде колеги на времето уште кога бевме млади дававме концерти оти овде служеше војска и воениот рок го служеја и Шабан Шаулиќ, Мирослав Илиќ. Јас во тоа време работев во угостителството „Македонија“ на железничка станица во бавчата, тогаш беше тоа место многу популарно и имаше многу посетители. Работеше многу добро. Секоја вечер имавме навечер концерти, а кога имавме слободни вечери без работа, ние, Шабан, Мирослав, сите овде, концерти дававме по селата. Тогаш такво времето беше, дружење, да се дружиме, да правиме концерти. Ова сега овде, Офицерскиот дом во кој имаше вработени како музичари, музичарот капетан или беше мајор Јонче Георгиевски кој свиреше на хармоника како и на многу дувачки инструменти, хорна, туба… Имаше оркестар на времето, голем оркестар, воен… Имаше многу дружење, соработка… Имавме од сите страни, пари имавме во џебот, такво беше времето… Кога ќе се осврнам наназад и тогаш имавме некои непријатни моменти, во смисол на авторските права, меѓутоа се работеше пак, додека во меѓувреме се оформија оние Македонија патент, за нас кои бевме вработени во естрадата и ден денес така да речам како композитори, уште не бараат, не сакаат. Снимаме. Правиме музика. Насекаде каде што гостувавме, луѓе не гледаа, не снимија, ставаат се што гледале на YouTube, но јас лично ништо не сум ни ставил ни видел па затоа можам да кажам дека само изведувам музика и од мене директно или индиректно деца се изучиле од мене, впрочем како и ние од постарите. Ако некој денес ќе сака да каже дека се научил од мене или не, тоа е негово мислење. Јас морам да кажам дека научив од постарите, Бог да ги прости, тие сите беа добри и во тоа време немаше подобри. И чалгии, и оркестри… Се сеќавам дека имам снимано во 1970-та година како прв од Македонија сингл плоча за дискографската куќа „Дискос“ заедно со Панде Коминовски тогаш, Бог да го прости кога направив две мои композиции. Едната песна се викаше „Битола“ на која што пееше Цане Поповски и Василикија, која беше моја колешка. Потоа имав снимено и едно оро кое го крстив „Пашино оро“. После тоа за дискографската куќа „РТБ“ го снимив „Бејханово оро“ кое многу се проби бидејќи е така мелодично, весело, прифатливо и сите можат да го свират. Во текот на 90-те години снимив една касета со ора и чочеци од кои најповеќе се истакна мелодијата „Вевкиев чочек“, додека низ цела Србија и големиот оркестар на Радио-Телевизија Белград го свират, сите кларинетисти го прифатија како да речам многу мелодично и има што да се изведи, да се свири, да се гледа, во кое што има многу работи да се научат. Јас сум презадоволен што ете на некој начин луѓето ја изразуваат желбата за музика.

  • „И нешто сосема за крај, со што би го завршиле првиот дел од нашиот разговор“.

Голема благодарност до вас и вашиот КИЦ за поканата и вашиот интерес за мене лично. Повеќе, во некоја наредна прилика.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top