Разговор со Лилјана Трајковска Димевски, професионален музичар и професор по хор и диригирање.

Јас сум Лилјана Трајковска Димевски, професионален музичар и професор по хор и диригирање. Работам во Државното музичко училиште во Битола а веќе пет години сум диригент на мешаниот хор „Стив Наумов“. За овој период од кога сме заедно сакам да се пофалам дека напредуваме и заедно градиме големи успеси како и овај последниот од каде што се вративме со три златни медали.

  • „Кои се твоите музички почетоци?„

Потекнувам од музичко семејство. И мајка ми и татко ми се школувале во средното музичко училиште, па музичка академија во Скопје, но сплет на околности, животни предизвици, за жал не го завршиле своето високо образование и продолжиле со сосема други професии. Јас останав упорна и желна за музика така што го доодив патот по кој тие тргнале. Од најмала возраст сум покажувала интерес кон музиката, пеење дома, музицирање. Дома имаме стар концертен клавир,  па често знаевме фамилијарно да потпевнуваме. Ние сме три сестри, музикални сите, помалата е исто професионален музичар, а најмалата иако не е музички образована и тоа како можи да се рамни со нашите музички квалитети.

  • „Уште на почеток спомена како со образованието си погрешила…“

Како што растев, другарувањето ми беше главен двигател, се решив средно училиште да изберам по вкус на другарките, ама избрзаната грешка ме освести кога не бев примена, па како втора опција ми остана средното музичко. Ако сега се вратам 25 години наназад, никогаш нема да ја направам истата грешка, бидејќи по ова што сум денес се гледа дека мене првата љубов ми е музиката.       За да бидиш музичар треба да имаш талент, меѓутоа многу е важно напорно да работиш. Вежбањето го прави професионалецот да биди уште подобар, не е доволно само талентот и да мислиме дека тогаш ќе се успее.

  • „Како се случи да работиш со мешаниот хор?“

После враќањето од студиите во Скопје каде дипломирав хорско диригирање во класата на професорот Саша Николовски Ѓумар, моја голема желба беше и сеуште ја мечтаам, во Битола да оформам машки хор. Желбата и амбицијата беа големи, но шансите мали, бидејќи мажите во Битола не го гледаат хорското пеење како нешто атрактивно. Тука желбата за работа не спласна, напротив, не се откажав и оформив камерен професионален хор, кој работеше и функционираше едни добри десет години и верувајте без никаква финансиска поддршка, а со многу голема љубов. За тој период остваривме многу големи соработки со нашиот театар, „Народниот театар“ во Битола и многу активности надвор од градот. Како изминуваше времето, заради немање средства, амбицијата на колегите некако почна полека да спласнува. Не се откажавме од пеењето меѓутоа ги намаливме собирањата и активностите, оставивме на времето, ако некој побара професионалци да работаат на некој проект, веднаш излегувавме во пресрет меѓутоа некако стагнираше работата. Е потоа дојде еден лош период, околу короната, во цело тоа напнато време, пред и потоа, мене ми се случи една интересна понуда, за која и денес не ми се верува. Зошто? Ќе морам да се навратам назад за да ја доловам цела слика. Како средношколка бев дел од младинскиот хор при КУД СТИВ НАУМОВ со кој работеше професорт Љубо, сеуште така му се обраќам. Кога се запишав на диригирање тој разбра и кога да се сретневме по улица секогаш имаше убави совети да подели, па дури ќе ме поканеше да следам проба, ме земаше на фестивали заедно со мешаниот хор, само да стекнувам искуства. Но, кога дипломирав и се вратив во градот, не ми дозволи да поработам со мешаниот хор, и да бидам искрена ме навреди. И како течеше времето и ние со камерниот хор BUTELION CLASSICS CHORUS се пробивавме, некако ги покажавме и двата, мислам на професорот Љубо, тешките карактери. И сега доаѓа интересното, една вечер ми се јавува на телефон професорот, а мислев го изгубил бројот, и ми вели, само сакам да продолжиш со мешаниот хор, а знам дека ќе го оставам во вистински раце. Јас бев среќна, збунета и лута но големата желба за работа со хор ме натера веднаш да прифатам. И од тогаш до денес сум сигурна дека направив вистинска одлука. Без разлика што не навјаса периодот на короната, сите упорни, големи вљубеници во хорската уметност останаа со мене и еве го газиме патот по нагорна линија. Среќна сум што никого не изневерив, а горда сум што успевам.

  • „Значи со хорот се пронајде себе си.“

            Да, во овие пет години откако јас работам со мешаниот хор, прво ќе кажам дека сум презадоволна од хористите кои членуваат, долгогодишни хористи, нови професионални музичари, работам со мешан тип на профили, дури и возраста е различна, од младинци до пензионери, за жал машки гласови во хорот има  многу малку, ама  тие кои членуваат и пеат итоа како знаат добро да го водат својот гласовен потенцијал и ги охрабрувам секогаш да се сигурни во своите капацитети.  Нивната голема љубов кон хорското пеење ме тера уште повеќе да сакам и јас самата како музичар,  како професионалец се вложувам заедно да успееме понатаму да им покажиме на граѓаните на Битола дека хорското пеење е една многу убава работа. Прво тоа е дружба, потоа љубовта која внатре се шири во друштвото, во групирањето, во состаноците, во пробите е незаменлива и сакам да им дадам совет, особено на машката популација од градот, ако се музикални и ако имаат желба за пеење да се приклучат во ова наше семејство. Ќе бидам искрена и ќе кажам дека на почетокот имав мали несогласувања со дел од нив, оној што ме прифати и остана, заедно ја пишуваме новата историја на овој најстар хор во нашата држава. Самите хористи се многу послушни, амбициозни, прифаќаат новитети, се претопуваме едни со други и успеваме да направиме успеси. И понатаму без разлика што ни фалат гласови успеваме програмски да се надоградуваме. Не не попречува ниедна проблематика во било каква партитура и сега ќе се пофалам дека за почетокот на октомври, за отворањето на „Интерфест“ оваа година, сме поканети и веќе почнуваме со припреми на делото Кармина Катули од композиторот Карл Орф, заедно во придружба со Камерниот оркестар на Битола, мешаниот хор ќе го изведи на самото отворање на „Интерфест“. Тоа е голем залак за ансамблот бидејќи делото има тежина, ама јас верувам дека ќе успееме да го спремиме и на добар начин да го претставиме пред публиката во октомври.

  • „Како се справувате со условите во изминати години?“

            За време на короната не можевме континуирано да работиме, но се снаоѓавме. Успеавме да стартуваме веднаш со многу настапи, со многу ангажмани. Во овие 5 години имавме многу целовечерни концерти, со различна програма на што сум горда и задоволна од солистите бидејќи успеавме да промениме низ кратко време, оние кои се разбираат од хорската уметност ќе им биде многу јасно дека не е едноставно да се промени репертоарот на ансамбл кој години негува еден стил на музика, или ќе речам подобро се снаоѓа во нешто што е попевливо, порелаксирано како мелодија.

  • „Какви награди добивте со хорот минатата недела?“

На последниот натпревар во Бјелина во Босна и Херцеговина освоивме три награди од кои едната ми е најмила, а тоа е „Специјална награда за најдобра изведба на современо дело“, дело кое за многу кратко време го спремивме, нема тежина меѓутоа хористите, големиот дел од хористите беа уплашени дека нема да се успее. Дека тоа дело не им одговара, дека нема да можат да го совладаат, а ние токму за тоа дело добивме награда, значи жирито препозна техника, препозна квалитет во изведбата и го награди хорот. А останатите две награди, таму каде што најдобро мешаниот хор „Стив Наумов“ се покажува отсекогаш дури и јас кога бев дете уживав да го слушам тој репертоар на православна духовна музика. Таму не се ни сомневав и после самиот настап бев свесна колку добро сме се прикажале пред жирито. Третиот златен медал е во категоријата мешани хорови во која што се натпреварувавме уште со седум други хорови. Карактерот само на составот на ансамблот кој е важен за категоријата а внатре со програмата секој диригент ја одбира сам. Јас одбрав само македонски композитор, современо дело со кое што може на секој начин жирито да го вреднува дали ансамблот има квалитет. И секако ќе кажам дека кога ги добивме наградите, до некој степен изненадени ама и до некој степен очекувавме бидејќи навистина бевме свесни дека добро се претставивме на тие изведби.

  • „Кои се вашите ангажмани во иднина?“

Хорот има многу активности во текот на годината, многу соработки со други фестивали во државата како и со други хорови. Во текот на оваа година веќе ни се закажани настапот на тетовскиот фестивал на хорска музика „Техо“ каде што веќе од почетоците на фестивалот е и мешаниот хор „Стив Наумов“.

  • „Што сте подготвиле нешто ново и каква е вашата иднина?“

Минатата година хорот го прослави јубилејот 80 години од постоење. Промовиравме една нова композиција за која сметаме дека ќе стане химна на нашиот патрон Стив Наумов, композиција која што досега никогаш не била изведувана во нашата држава. Тоа е композиција од композиторот, а и еден од диригентите на мешаниот хор, Михајло Николовски, и го носи името на патронот „Стив“. Ќе продолжиме со работа и ќе газиме со големи чекори напред бидејќи не чекаат нови натпревари, нови настапи и нови активности а она што е добро и квалитетно како што се дела подзаборавени и оставени некаде во архивите на ансамблот ќе се потрудам да ги изнесам и да ги сработам со овие луѓе кои што сега членуваат.

  • „Кажи ни нешто за крај. Какво е вашето искуство во Офицерскиот дом?“

Во концертната сала на Офицерскиот дом често сме настапувале со мешаниот хор „Стив Наумов“. Од многу мала го имам доживеано како амбиент со голем простор кој може да ги исполни душите и да возвиши чувства кај публиката. Таа акустика која тука ја има, во нашиот град ниедна друга сала не ја поседува. Но донекаде, од кога е реновирана оваа зграда, ние музичарите коментираме меѓу нас дека таа акустика како да ја има малку изгубено. Како премногу да има добиено некој нов звук, нов призвук па не сме толку задоволни како во минатото. Голема чест и задоволство е да се концертира во оваа сала. Кога избирам простор каде да настапувам со мешаниот хор, на прво место ми е свечената сала на Офицерскиот дом. Големо задоволство е кога има настани што  организираат во оваа сала и убаво е да се видат задоволните лица на публиката.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top