Разговор со Нико Наумов

Јас сум Нико Наумов, професор работник, професор по музичко образование – музички педагог. Во 1965 г. се запишав во средното музичко училиште во Битола кое го завршив во 68-ма г. затоа што немав основно музичко училиште, па морав да учам уште една година плус.  Од 1966 г. како ученик од трета година сум член на хорот „Стив Наумов“ од Битола со кој работеа во тоа време покојните: професорот Михајло Николовски и професорот Петар Сидовски. Во 1967 г. како член на хорот „Стив Наумов“ заедно со неколку мои соученици од истиот клас заминавме во Англија на светскиот хорски фестивал. Таму хорот доби значајно признание, а во 1968 г. по желба на моите наставници, јас во тоа време живеев во селото Добромири, еден ден доаѓа еден наставник со едно жолто „Фиќо“ кој се викаше Богоја Вржовски. Дојде во дворот, седнавме а тоа беше некаде почетокот на август месец, а јас веќе се спремам да се запишам како редовен студент на „Факултетот за музичка уметност“ во Скопје. Мојот наставник Богоја Вржовски вели: „Нико, јас дојдов по наредба на моите колеги и директорот на училиштето во Новаци, да дојдиш, да предаваш по музика во твоето училиште“! Ми ги поремети моите планови, не можев да ги одбијам моите наставници во тоа време и се вработив во основното училиште „Славко Лумбарковски“ во Новаци. Во тоа училиште работев до 1980 г.. Таму формирав училишен хор, а со играорната група настапувавме на патроните празници на училиштето и одевме по поголемите селски населби во Општината Новаци. Во 1970 г. заминав на отслужување на воениот рок, година и пол а во 1972 г. се запишав на Факултетот за музичка уметност во Скопје како вонреден студент затоа што после враќањето од отслужувањето на војската, јас повторно се вработив во ОУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци.

  • „Кои се вашите почетоци со мандолинскиот оркестар“?

Од 1980 г. кога се отвори ОУ „Елпида Караманди“ ме повлекоа од Новаци и веќе бев на работа во „Елпида Караманди“. Таму добив една тешка наредба од тогашниот директор на тоа училиште, Никола Спировски кој ми рече: „Нико, ти дојде со една посебна задача во училиштето. Да формираш мандолински оркестар и седни напиши кои инструменти ти требаат“. Тоа за мене беше голем предизвик. Го формирав оркестарот. Направив аудиција за сите ученици од шесто, седмо и осмо одделение и го формирав мандолинскиот оркестар во ОУ „Елпида Караманди“. Тоа беше на почетокот на 1980 г..

  • „Ваши гостувањаи настапи со мандолинскиот оркестар“?

Во 1983 г. јас за прв пат настапувам на мандолинскиот фестивал, на републичкиот мандолински фестивал во Прилеп. Таму добивам едно посебно признание, како најдобар дебитант како диригент на мандолинскиот оркестар за тоа време. Тоа за мене беше голем предизвик. Продолжив со работа, имаше голем интерес кај децата и само да ја скратам приказната, 1985 г. … 1987 г. … 1989 г. со мандолинскиот оркестар на ОУ „Елпида Караманди“ добивам први места, а тоа беше еден период кога навистина многу се работеше во образованието, само да споменам, паметам како сега… вторник и четврток после часовите на проба во големата сала на „Елпида Караманди“ на бината бевме наредени, имав педесет мандолинаши. Значи вторник и четврток после часовите и секоја сабота во 10 часот, замислете кој е тој труд, која е таа желба на учениците за да се постигни тоа што се сака. Оркестарот беше многу добар, децата избрендирани и читаа ноти, само да споменам… „Менуето“ на Луиџи Бокерини, втор такт проба, ние ја свиревме на патрониот празник 1987 г., замислете, каков труд, тој оркестар беше изверзиран, колку многу децата беа вљубени во оркестарот, колку многу сакаа да свират. Тоа беше тој период од ’80-та до ’90-та година.

  • „Работевте и со хорот на ОУ „Тодор Ангелевски“!“

1990 г. пак по желба на еден мој колега од „Тодор Ангелевски“, покојниот Васко Наумовски се сретнавме, соработувавме, тој со хорот а јас со оркестарот, настапувавме на разни патронати, прослави итн. За „Кирил и Методиј“ на ниво на Општината во големата сала во Домот на културата и еден ден Васко Наумовски ми вели: „Нико знаеш ли што? Имам една молба до тебе. Треба да одам во пензија, ама имам една желба вели… ама хорот на „Тодор Ангелевски“ да го земиш ти“! Така и направив, му ја исполнав желбата на мојот почитуван и ценет колега, јас заминав во ОУ „Тодор Ангелевски“. Таму работев со хорот и мислам дека два пати со тој хор учествувавме на „Фестивалот на пионерски хорови“ во Кавадарци. Забележителни резултати имавме, но во тоа време имаше во Македонија силни хорови на основните училишта а јас немав некое посебно искуство со работа со хорот.

  • „Како се вративте повторно со работење со мандолински оркестар“?

1991 г. со колегата Љубомир Трифуновски, диригентот на хорот на „Стив Наумов“, се сретнавме на „Широк сокак“ и ми вели: „Нико ти имаш молба од управниот одбор на друштвото „Стив Наумов“ да го земиш мандолинскиот оркестар на КУД „Стив Наумов““. И да ви кажам право, една од поголемите желби ми се оствари за да дојдам пак до мандолински оркестар. А за тоа време предходно исто си бев член на хорот на „Стив Наумов“. Јас кога работев со мандолински оркестар во училиштето „Елпида Караманди“ од сите мои мандолинаши имав телефонски броеви. И му реков на колегата Љубо дека сакам, имам желба да го земам мандолинскиот оркестар. Се враќам дома, го земам тефтерот со телефонските броеви и му се јавувам на сите мои мандолинаши од ОУ „Елпида Караманди“ кои веќе беа осмоодделенци, прва, втора или трета година во средните училишта. И замислете какво доживување, кога ја закажав пробата во мандолинскиот оркестар тие мои стари мандолинаши, дојдоа 46 комплет мандолини, мандоли, гитара, контрабас и веќе јас… тоа беше посебно доживување, за да се потсетам на тие мои најубави и најуспешни доделби за работа, со мандолински оркестар. Почнавме да работиме со мандолинскиот оркестар на „Стив Наумов“ и, после три месеци заедно со женскиот младински хор, со колегата Љубо Трифуновски отидовме на една турнеја во Бугарија, во посета на повеќе, знам дека беа три градови со три концерти. Успехот беше евидентен. Но да се вратам сега малце назад, еден период со работата со мандолинскиот оркестар во „Елпида Караманди“, со мојата педагошка работа 1989 г. ја добивам наградата и признанието на Општина Битола, „Наградата Кирил и Методиј“. Тоа беше уште еден мотив повеќе за јас навистина да се ангажирам и работам, а тоа го сакав и имав желба. Бев неуморен во одржувањето на таа работа и самиот адаптирав композиции од светски класици, од клавирски партитури за мандолински оркестар, од гудачки квартети итн.

  • „Учества и награди“?

Во ОУ „Тодор Ангелевски“ и работата со мандолинскиот оркестар во „Стив Наумов“ резултатите беа евидентни. Со ангажирањето, работата и љубовта кон мандолинската музика, со мандолинскиот младински оркестар од КУД „Стив Наумов“ имам забележителни резултати што ги има во архивата на друштвото. Со тој мандолински оркестар имам гостувано: во Бугарија, Србија, Романија, Грција и Хрватска. Во Хрватска има еден меѓународен мандолински фестивал во градот Имотски. Таму учествувавме шест пати и имаше две категории: категорија на аматери и категорија со 50 % професионалци музичари. Такви оркестри имаше од Шибеник, од Загреб и од Љубљана. Тие беа друга категорија. Но оваа категорија каде се навистина аматери, од тие шест настапи на тој фестивал, јас со мандолинскиот оркестар на „Стив Наумов“ имам освојувано четири први места и две втори места. Тоа беше доживување, тоа беа среќни моменти што во животот никогаш не се забораваат. Посебно мил пријател од Имотски, главниот организатор на тој фестивал Анте Вујевиќ и ден денес контактираме здрави и живи да сме, а тие времиња секогаш кога ќе се слушниме, си ги споменуваме.

  • „Колку години работевте со мандолинскиот оркестар“?

Со мандолинскиот оркестар работев 24 години. За тие 24 години немаше манифестација што се одржа во Битола на ниво на општинска организација да не сме настапувале. Како резултат на тоа во 1998 г. го добивам највисокото општинско признание, наградата „4-ти Ноември’. Тоа беше за мене доживување и среќа што навистина со зборови не се објаснува, не се докажува.

  • „Добитник сте на највисокото општинско признание, наградата „4-ти Ноември““.

Во 2003 г. бев назначен за директор на ОУ „Тодор Ангелевски“ но тоа не значеше дека јас треба да престанам да работам со мандолинскио оркестар. Со тој мандолински оркестар, сите тие републички награди, три освоени први места и тоа беше еден повод повеќе општинската комисија за доделување на наградата „4-ти Ноември“ да ми ја додели таа награда во 1998 г. По назначувањето за директор на „Тодор Ангелевски“ јас се зафатив со една многу тешка обврска, тешка работа. Училиштето беше во една состојба која навистина не беше добра, не беше здрава во однос на физичкиот изглед на училиштето, внатрешниот ентериер и јас со една родителка, градежен инжињер, Трајковска се презиваше, направивме проект, направивме конструкција на училиштето. Тоа го спроведивме со големи напори, со доста ангажирање. Тој документ беше 2003 г. кога започна да се работи проектот некаде во месец октомври и 2004 г. а во месец мај беше дозволен проектот со износ од 107.000 американски долари. Се реновираше училиштето, му го сменавме ликот на училиштето. Многу позитивен однос на колегите, на наставниците, на родителите, тоа беше едно доживување кое навистина ме прави среќен и ден денес. Како резултат за тој успешен зафат за училиштето во 2004 г. добив признание, плакета што ја доделуваше „Битолски весник“, а јас бев единствениот директор од основните училишта во 2004 г. што го добив тоа признание и ден денес ми е многу драго и мило во мојата витрина што го гледам тоа признание и секогаш се потсетувам на тој период.

  • „Какво е значењето на музиката во вашиот живот“?

Повторно да споменам, мандолинскиот оркестар од „Стив Наумов“ јас не го оставив, продолжив со работа и да споменам само дека тој период и како директор во училиштето „Тодор Ангелевски“ и како диригент на мандолинскиот оркестар во „Стив Наумов“. Тоа беше период, слободно можам да кажам, кога многу работи во мојот живот сочинуваа да бидам среќен во однос на фамилија, во однос на пријателство, како да бев преокупиран со моите обврски што навистина ме исполнуваа многу. И затоа се чувствувам многу горд како човек, како музички педагог и диригент на мандолинскиот оркестар од „Елпида Караманди“ и „Стив Наумов“. Но тој период ете така заврши со моето одење во пензија во 2012 г. па да не кажам со полни 42 и половина години работен стаж. Пензионерските години и денови ги врвам релаксирано и смирено, исполнет со музика во мојот дом каде радиото не престанува да свири дали тоа ќе биди во дневната соба или во спалната соба, нон-стоп сум со музика од сите видови. Музиката е нешто што човекот го исполнува а јас бев ненормално заљубен во музиката и тоа ме држи до денешни дни.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top