Разговор со повод – Александар Стефановски уметничкиот раководител на Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Битола.

Пред само неколку денови се одржа третиот меѓународен фолклорен фестивал „Весел петок„ па сеуште понесени од тродневните настани во склоп на истиот, направивме разговор со уметничкиот раководител на Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Битола, Александар Стефановски.

Детскиот фолклорен фестивал „Весел петок“ е фестивал кој го организираме како Културно-уметничко друштво „Илинден“, во соработка со ОУ „Даме Груев“, НУ Народен театар, како и НУ Центар за култура и Културниот и информативен центар – КИЦ од Битола, со поддршка на Општина Битола. Таа идеја се роди пред три години и преку овој фестивал се презентира една стара традиција која датира од 18-от век во Јени маале кога луѓето од селата на источен петок балаклија доаѓале во градот. Првично во четврток имало служба во црквата „Св. Недела“ после Велигден а потоа сабајлето во петок, на источен петок балаклија луѓето од селата оделе во градот на гости кај роднини, кај пријатели и затоа луѓето од селото го викале „градски Велигден“ бидејќи оделе на гости во градот, а луѓето од градот го викале „селски Велигден“ бидејќи луѓето од селата иделе во градот на гости, и на „средсело, горно и долно“ во Јени маале откако ќе завршеле гостите излегувале сите на улица, се играло, се пеело облечени во разни носии итн. Таа традиција траела до триесеттите години на минатиот век. Тоа од тогаш наваму престанало да се збиднува, од економски и други причини. КУД „Илинден“, од 1980 г. наваму започна со обновување на таа традиција и секогаш на „Источен петок“ народот излегува во Јени маало, на сретсело со сите деца на друштвото облечени во различни носии, се играло – се пеело, баш како некогаш порано. И така пред три години се роди таа идеја, да не биде само КУД „Илинден“ туку да учествуваат и други друштва, од Европа, од светот и така го создадовме детскиот фолклорен фестивал наречен „Весел петок“, чие име го предложи Валентин Соклевски. Тоа е првиот весел петок по воскреснувањето на Исус Христос. Оваа година имавме учесници од странство, а догодина се надеваме да донесеме учесници дури и од Африка. Така сметаме дека оваа нова културна манифестација во нашиот град ќе заживее поубаво со цел децата од Јени маало како и жителите, да се дружат со децата од целиот свет, да си раскажуваат за своите култури, фолклор, носии, традиции итн. со цел сето тоа да прерасне во една многу поголема манифестација. КУД „Илинден“ ја спроведе и ќе ја одржува таа традиција во која се презентира на сцената народната игра, песна, музика, преку чистата и искрена детска душа.

           КУД „Илинден“ како еден голем амбасадор на културата во и надвор од државата, е друштво кое е формирано во 1955 г. и оваа година го славиме нашиот 70 годишен јубилеј и морам да кажам во сите тие години тоа друштво никогаш не престанало со постоење за разлика од други друштва кои имале некаков прекин од две, пет па и повеќе години, но ете ние сме немале досега прекин и се надевам дека така и ќе продолжи. Друштвото е формирано во домот на МЗ „Даме Груев“ преку младинскиот актив од тогашните жители на Јени Маале. Порано имало и драмска секција и пејачка покрај фолклорната секција додека претседател на друштвото бил Благојче Буљата, меѓутоа еден од најзаслужните членови е писателот Владимир Костов којшто го афирмирал друштвото и му го дал името. Првиот негов раководител Ристо Трајковски Пупучот но отпосле се менувале Круме Ивановски, Симе – Бумбуро, Благој – Жорецот и Димче Блажевски – Дуната, Петар Кочовски, Коче Стојчевски, Валентин Соклевски па јас додека во раководната структура се менувале претседатели до 1979 г. но од 1980 г, па до ден денес претседател на друштвото е Антонијо Димитровски.

           Јас во „Илинден“ започнав да играм од мојата деветта година, поточно од 1986 г. па се до денес, а од 1998 г. сум уметнички раководител на друштвото. Желбата да се занимавам со фоклор ми ја всади мојот татко, кој што беше дел од управниот одбор на КУД „Илинден“ и гледајќи го како оди и се шета во многу земји низ светот, се појави желба да се запишам на „Играорна“ баш во тоа време кога во ОУ „Даме Груев“ каде што учев дојде тогаш мојот наставник Валентин Соклевски кој заедно со Коче Стојчевски вршеа упис на нови членови. Да биде уште поинтересно тогаш јас не се запишав ама сите мои другари се запишата така што и јас си реков да одам.

Како член на „Илинден“ имавме многу голем број на настапи, турнеи и патувања во многу земји од светот. Можеби најголем впечаток ми остави гостувањето во САД кога бевме цел месец и половина каде што го усовршив мојот англиски јазик. Од впечатоците би ја издвоил средбата со тогашниот принц, денешен крал Чарлс во 1996 г. во Ланголен, Англија каде што учествувавме на Фестивал. Ние сите бевме облечени во носии и наредени кога тој проаѓаше покрај нас, и замислете од 58 држави тој застана кај нас за да се поздрави со нас. Тоа беше за сите нас голема чест бидејќи тој беше и покровител на целиот Фестивал. Тогаш ние остваривме четврто место но по две години пак се вративме таму и тогаш го освоивме второто место., (за само два бода, а требаше да бидеме први). Паметам на моето прво излегување надвор, кога бев трето одделение кога отпатувавме со автобус хармоника во Кикинда, Р. Србија. Исто така паметам во седмо одделение кога настапувавме во Белгија, како едни од моите највпечатливи патувања како дел од играорното друштво „Илинден“.

Нашето друштво има настапувано на сите континенти на светот но во Африка никогаш не сме настапиле. „Илинден“ има освојувано голем број на награди, па да напоменам дел од нив „Сребрена секира“ на еден од најголемите фолклорни фестивали во Европа, во Закопане во Полска. Тоа беше во 2008 г. и минатата 2024 г. Потоа второ место на најголемиот светски фолклорен фестивал кој за жал не постои повеќе, во Ланголен во Англија (каде што „Танец“ има освоено прво место). Второ место на Фестивал во Украина; многу награди, специјални награди, прва награда од публика на Фестивалот во Искеле во Северен Кипар. Еден од најголемите настани на коишто сме учествувале како друштво е на Фолклоријада во Уфа во Русија во 2021 г. која требаше да биде во 2020 г. но заради пандемијата се одложи за наредната. Таму учество зедоа повеќе од 73 земји од светот, тоа е фактички една олимпијада на фолклор, каде што ние како претставници на Македонија срушивме два „Гинисови“ рекорди: рекорд за најголем број на играорци фатени во едно оро, а вториот рекорд, за најголем број на играорци од различни држави кои што играат оро. Тоа го имаме во архива како учесници во создавање на „Гинисов“ рекорд. Моментално сме ангажирани околу припремите на една голема турнеја со друштвото по повод 70 годишнината од постоењето и воедно имаме учество на четири големи фестивали во Франција со почеток од 31 јули до 20 август оваа година.

КУД „Илинден“ од Битола има длабока и трајна поврзаност со фестивалот „Илинденски денови“. Со години „Илинден“ не само што редовно учествува на фестивалот, секоја година традиционална го отвора истиот со орото „Комитско“ и активно придонесува кон неговиот развој. Особено е значајно што првиот фолклорен концерт во реновираниот Офицерски дом во Битола, именуван како „Битола е градот“ кој се оджа на 16 мај 2022 година, беше концерт токму на нашето друштво што мене лично ми претставува огромна чест и мислам дека ќе остане во историјата како белег со отворање на едно ново поглавје на културните настани во градот. А зошто тука? Заради акустиката којашто ја има оваа сала поготово амбиентот кој одговара за таков настан, „градски приказни“ односно „Битола е градот“. Можам да кажам дека многу ми е мило и горд сум на тоа што овој дом, кој претставува спој на историја, архитектура и култура, повторно станува сцена за „Илинденски денови“, враќајќи го фестивалот на местото каде што започнал.

Денес како дипломиран етнокореолог, но со долгогодишно искуство во областа на традиционалната игра, песна, музика, можам да кажам дека нашата култура е богара, а нашата традиција е неисцрпнен извор кој е вреден за проучување и наука.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top