Почитувани мои Битолчани. Почестена сум што сум дел од оваа рубрика која ја води мојот ценет пријател – уметник Сашо Ставрев. Благодарност за поканата, како и на поддршката кон уметниците, Сашо.
- „Ни се обраќаш со Битолчани“!
Јас сум Крушевчанка, но по мајка Битолчанка – погорда не можам да бидам од тоa (хахаха). Навистина Битола е секогаш во моето срце.
- „Каде се школуваше Билјана“?
Средно музичко образование започнав во Битолското „Државно Музичко Училиште“ во класата на покојниот врвен професор Пеце Митрески, кој е главниот “виновник” што денес сум оперски пејач, бидејќи ме убеди да се запишам на соло пеење и ме зеде во неговата класа. После тоа продолжив во класата на неговата ќерка професор Магдалена Наумовска каде што добив една вистинска нега и поддршка за да чекорам стабилно во светот на операта. Средношколските денови во Битола можеби ми беа најубавиот период во мојот живот, Широк сокак, старата чаршија, фонтаната, паркот, кај Сатот итн… имам многу посебни моменти и спомени и секако бесценети пријателства.
- „Каде продолжи со школувањето“?
Дипломирав и Магистрирав во Скопје кај професор Славица Петровска Галиќ, примадона на МОБ, која исто така ни даде преголемо знаење и љубов кон оперското пеење, кое што растеше уште повеќе во мене благодарение на неа. Имав среќа да растам меѓу најдобрите професори и ментори од кои добив висок професионализам и знаење кое го претставувам на сцената на Македонската опера и балет, а верувам понатаму ќе го пренесам и на следните генерации.
- „Дали си вработена“?
До ден денес работам со наши и со странски ментор, се надградувам бидејќи нашата професија нема крај и секогаш е едно истражување на вокалниот орган, на интерпретирање, а поставувањето на секоја нова улога е нов предизвик. Јас сум солист на МОБ и досега на нашата сцена имам изведено повеќе од 90 оперски претстави, испеано многу главни и споредни улоги на репертоарот во нашата оперска куќа, изведено небројни концерти, а сум настапувала со врвни домашни и странски светски познати уметници од оперските кружоци. Патот никогаш не е лесен, но секогаш бил предизвик на растење и учење и сум бескрајно благодарна за тоа.
- „Неодамна имаше неколку значајни концерти и учества“.
Среќна сум за овогодишните „Мајски Оперски Вечери“ каде што имавме можност да чуеме прекрасни гости, наши прекрасни оперски солисти, каде се изведија одлични оперски претстави за кои имавме голема посетеност. Се радувам што сепак високата уметност – операта живее и се повеќе и повеќе ја препознаваат граѓаните на Македонија. На Мајските Оперски вечери настапив во операта „Турандот“ – мојата омилена оперска претстава од Џакомо Пучини, во главната улогана Лиу, заедно со врвен светски солистички тим, под диригентската палка на Маестро Џанлука Мартиненги, и навистина имавме голем успех.
- „Кажи ни нешто повеќе за големиот концертен настан од минатиот викенд“?
Да, тоа е сега најактуелен настан, мојот последен настап, кој за мене беше прв од ваков тип и сум многу среќна што малку избегав од мојот дом – оперското пеење. Тоа е концертот со Филхармонија под наслов „Фантазија“, а програмата ја сочинуваа најголемите хитови од цртаните филмови на Дизни. И верувајте за мене беше голема одговорност, посебна авантура, која беше поразлична од се досега што сум пеела. Пеев со поинаква импостација на глас, во поп стил и тоа навистина не беше едноставно, но беше прекрасно искуство кое заврши многу успешно исто така.
- „Кои се твоите следни проекти“?
Следно настапувам на концерт на мој прекрасен колега битолчанец кој е многу успешен солист во Народно позориште во Загреб – Давор Неќак, кој што ме покани да му бидам гостинка и со задоволство прифатив, се радувам на нашата заедничка соработка што не очекува. Но дотогаш ве поканувам сите на 4-ти јули во КИЦ – Офицерскиот Дом, да уживаме со најпрекрасни арии и дуети од различни музички епохи, а пијанист ќе биде прекрасната и позната пијанистка на Битолската публика, Горјана Стојановска. На сцената на Македонската Опера и Балет повторно ќе може да ме види публиката, овојпат во оперетата “Лилјакот” од Јохан Штраус, и со нетрпение ја чекам премиерата, и морам да признаам дека секоја нова улога за мене е нова цел, нова радост и предизвик.
- „ Со среќа Билјана“.
Привилегија е да се ужива оваа благородната професија, и сум најблагодарна за тоа. Се гледаме во Битола.
Интервјуто го направи нашиот колега Сашо Ставрев, како и дел од фотографиите.
Благодарност до:
Македонска Филхармонија
Македонска Опера и Балет
Мајски оперски вечери
Фотографија: Марко Угарковиќ, Маја Аргакијева
Колеги: Денис Димоски, Иван Наумовски
Костим: Елена Лука











