Работата на Културно информативниот центар – Офицерскиот дом се повеќе го свртува вниманието не само во битолската културна јавност туку и пошироко. Повеќе битолчани што живеат во други места се интересираат за содржините на КИЦ, бидејќи љубовта кон родниот град не е избришана од нивните спомени. Томислав Османли е еден од истакнатите личности на познатата битолска фамилија Османли. Тој е автор на многубројни дела преведени и на странски јазици. Почитувани, чест и задоволство ни е да го споделиме со вас интервјуто кое го даде за КИЦ, во чест на одбележувањето од 100 годишнината од постоењето на Офицерскиот дом во Битола.
„Моето име е Томислав Османли, 68 годишен автор и писател, роден во Битола. Битола е населена во моето срце не само во мојата биографија како место на раѓање. Во Битола сум остварил две театарски претстави, и своевремено сум имал свои презентации, во Битола каде сакам повторно да се вратам во рамките на одбележувањето на јубилејот, сјајниот јубилеј 100 години од изградбата на сегашниот Офицерски дом, поранешен дом на армијата, едно место кое сега се повеќе ги собира културните дејци од нашава земја. Инаку потекнувам од битолско семејство на уметници и на лекари. Мојот татко беше режисер, тој е првиот македонски дипломец во доменот на филмот и на театарот. Дипломирал со претстава „Ѓаволштините на Скапен“ 52-та година на битолскиот театар и на Македонија токму од таму, од својата родна Битола и ја донесе таа сјајна привилегија да има прв дипломиран режисер. Потоа, неговото творештво се одвиваше не само во доменот на театарот каде што има реализирано од прилика седумдесеттина театарски режии во повеќе театри низ Македонија, туку и филмско творештво, истакнато филмско творештво коешто вклучува четири играни филма, голем број документарци, репортажи итн. а потоа и телевизиско творештво и радио творештво. Неговата биографија е исклучително богата и таа сеуште ме плени зашто во овие нови времиња, излегуваат мноштво информации, а некои од нив и мене досега не ми беа познати а се однесуваат на богатото творечко дело на мојот татко, Димитрие Османли.“
„Јас сум автор на над триесет книги од доменот на литературата, главно проза и во доменот на поезијата каде што имам напишано и една поема за Блаже Конески, во 2021-та година по повод 100 годишниот јубилеј од раѓањето на нашиот великан Блаже Конески. Имам драмски текстови, имам сценарија, а исто така објавуван сум во странство. Досега сум објавил пет романи и поголем број прозни дела и други раскази коишто се објавувани во регионов и пошироко, меѓутоа и низ Европа, па дури и во Соединетите Американски Држави.“
„ Книгата „Светулка за Ханулка“ е едно прозно тревожно сеќавање, за прогонот и страдањето на македонските евреи, кои над 3.700 ако не се лажам, станаа жртви на холокаустот, а по потекло ги имаше и од Битола. Битола многу ги памети и ги чествува своите евреи, така направив и јас, во 2008-та година ја напишав таа прва книга од нееврејски автор во Македонија, која сака да се потсети, да го комеморира тој ужасен настан за кој Македонија остана посиромашна за цел еден етницитет, еврејскиот. Таа книга е објавена во Србија, нејзини делови се преведувани на англиски, објавувана е во Полска, објавувана е во Хрватска, не целата книга туку само нејзини делови. Целата книга е објавена во списанието „Los moestros“ кое излегуваше во Брисел, објавена на англиски јазик, а четири раскази од неа најдоа за сходно да ги преведат, еден од нив се однесува токму на Битола, да го преведат на ладино јазикот на кој говореле евреите на југот на Европа, вклучувајќи ги и евреите на Македонија и се разбира на Битола во тие рамки.“
Како син на Димитрие Рули Османли, деновиве ни искажа одредени сеќавања не само за својот татко, за својот стрико Ѓорки-Џика Османли, како и за други членови на неговото семејство. (ПРОДОЛЖУВА…)














