Попладнево во Кино Манаки, воочи прославата на Денот на победата над фашизмот и големиот јубилеј , 80 години од завршувањето на Втората светска војна, со промоција на филмот „Слобода заборавена меѓу регистрите“, заеднички проект на гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, младинското радио при гимназијата и Битолскиот архив, со поддршка на Амбасадата на Сојузна Република Германија во земјава, Битола го одбележува овој значаен цивилизациски датум. Во своето обраќање пред присутните Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, истакна дека денешниот настан не е само одбележување на 80 години од завршувањето на Втората светска војна, туку пред се е потсетник дека слободата која денес ја уживаме никогаш не била подарок. Таа е резултат на борба, жртви и отпор, врежани длабоко во колективната меморија на нашиот народ. Промоцијата на филмот беше проследена со кратка дискусија околу реализацијата на самиот проект, а на настанот се обрати и нејзината екселенција амбасадорката на Република Германија, Петра Дрекслер.









