“Незаборав“ 2026 во чест на Милко Лозановски
Во рамките на Битолското културно лето „БИТФЕСТ 2026“, по 16-ти пат ќе се одржи забавно-музичката манифестација „Незаборав“, која годинава е посветена на познатиот битолски автор Милко Лозановски.
Концертот ќе се одржи во вторник, 25 август, во „Центарот за култура – Битола“, со почеток во 20 часот. Влезот е слободен.
На концертната сцена познати битолски музичари и изведувачи во живо ќе исполнат дел од песните со кои Лозановски остави трага во македонската музика. Меѓу нив се „Битола ме вика“, во изведба на Петранка Костадинова на фестивалот „Валандово ’86“, „Свири стара тамбуро“, изведена од групата „Боеми“ на „Интерфест 1992“, „Еј, соколе“ на „Битолски конзули“ од „Валандово ’93“, „Рибари стари другари“ во изведба на Цветанка Ласкова изведена на „Охридски Трубадури ’95“ и други познати композиции.
Сценариото и водителската улога се на Силвана Петрова Насух, додека автор на проектот е Панде Димитровски.
Манифестацијата „Незаборав“ низ годините беше посветена на бројни значајни автори, изведувачи и музички проекти, меѓу кои Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафировски, Лупчо Спасеновски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, „Битолчани на Валандово“, „Битолски конзули“, Драган Каранфиловски – Бојс, „Песни за Битола I дел“, „Песни за Битола II дел“, „Интерфест 92–96“, Тоде Новачевски, како и изданието „15 години ретроспектива“.
Со овогодишното издание, „Незаборав“ уште еднаш потсетува на вредните музички творештва кои остануваат дел од културното и музичкото наследство на Битола и Македонија.
