Фото галерија од завршниот настан -Изложба на Проектот „Симфонија на петте: звуците на Офицерски“

Фото: Сашо Ставрев

Кога една идеја ќе прерасне во иницијатива, а иницијативата ќе ги обедини младите таленти околу заеднички предизвик, резултатот е успешна приказна исполнета со креативност, соработка, дружење и инспирација.

Токму таква приказна беше заокружена синоќа во Свечената сала на Офицерски дом – КИЦ Битола, каде се одржа завршниот настан од проектот „Симфонија на петте: Звуците на Офицерски“ – свечена изложба на реализираните дела и доделување сертификати и благодарници на учесниците и менторите.

На присутните им се обрати директорот на ЈОУ КИЦ Битола, Димитар Михајловски, кој го истакна значењето на ваквите иницијативи за развојот на младите креативци и најави нови проекти за нивна поддршка. Во име на Општина Битола, учесниците ги поздрави претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, изразувајќи благодарност до учесниците, менторите и установата домаќин за посветеноста во создавањето простор каде младите можат слободно да ги изразуваат своите идеи, по што беа доделени сертификатите за учество во проектот.

Проектот, реализиран под раководство на соработникот за аудио-визуелни уметности Даниела Николовска, претставува интердисциплинарна ликовна иницијатива што ги поврзува едукацијата, креативниот процес и изложбената дејност.

Во рамките на проектот беа формирани четири уметнички тимови составени од по пет ученици. Нивната задача беше да создадат полиптих – монументално дело составено од пет поврзани панели на тема „Звуците на Офицерски“. Иако секој учесник работеше со сопствен стил, техника и уметнички израз, крајниот резултат претставуваше хармонична целина.Тимовите поминаа три недели во Алтернативниот галериски простор на КИЦ Битола, кој функционираше како „Живо атеље“.

Преку симболиката на полиптихот, проектот испрати силна порака: различностите не нè разделуваат, туку нè збогатуваат. Кога индивидуалните таленти се обединети околу заедничка цел, се создава нешто поголемо, повредно и трајно.

Честитки до сите учесници и ментори за нивната креативност, посветеност и инспиративна работа!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top