ЗАД МАСАТА
поетска репортажа / моноспектакл
Автор и изведувач: Марјан Георгиевски
26 август 2026 | 20часот Центар за култура – Нова Сцена, ( Службен влез, двор на О.У. Гоце Делчев) Битола
Маса. Стол. Чаша вода. И записи. Оттука почнува вечерта.
Марјан седи и раскажува — создава интроспекција на сопствениот живот низ темите како што се татковството, бракот, актерството, комедијата и секојдневието, за заминувањето, за откажувањето, за разочарувањата, за свесноста на минливоста на животот.
За Македонија. За Битола. За животот во 40-тите, за иднината, за меморијата — она што останува кога ќе се свртиме назад.
Приказните се лични, но раскажани со дистанца на набљудувач кој ја гледа сопствената биографија однадвор, со прецизност на репортер, поетски записничар на деталите кои ни го исполнуваат животот.
Хуморот е остар и структурен, самоиронија — без сентименталност.
„Зад масата” е поетско документирање на сопствениот живот и обид да се отвори простор кој досега речиси и не постоел во македонскиот театар — раскажан од глас кој истовремено е актер, режисер, психолог и стендап комичар.
Затоа што сарказмот понекогаш е единствената одбрана од површноста на денешницата, а хуморот — единственото оружје против глупоста.
Приказна за тоа како да се остане здрав во едно лудо време.
